Средба Димитров-Чапутович: Полска останува лојален поддржувач на евро-атлантските аспирации на Македонија

12 март, 2018 | 16:37 часот | 582 прикажувања |

Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска му беше домаќин на својот полски колега, Јацек Чапутович, кој престојува во работна посета на земјава.

Како што информираат од МНР, работната посета почнала со седмата средба на полско-македонската соработка во евроинтегративниот процес, т.н. скопска конференција на државни службеници од Република Македонија и Република Полска. Конференцијата се организира еднаш годишно од страна на министерствата за надворешни работи на двете земји, а на неа се споделуваат полските искуства од пристапниот процес, особено при преговорите по поглавјата од европското законодавство.

По завршувањето на конференцијата, министрите имале и тет-а-тет средба по која следувала и пленарна дискусија меѓу двете делегации. Во разговорите министрите заеднички оцениле дека односите меѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи, се исклучително пријателски, со развиена соработка во повеќе сектори. Исто така, заеднички било укажано на можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе области од заемен интерес, а особено во сферата на туризмот.

Министерот Димитров го информирал својот колега за преземените активности во рамките на реформската агенда од страна на Владата, а фокусот бил ставен на перспективата за почеток на пристапните преговори во контекст на стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан.

Министерот Чапутович истакнал дека Република Полска е континуирано силен поддржувач на политиката на целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО. Позитивно ги оценил активностите на Владата на Република Македонија и дал цврсто уверување дека Полска и во периодот што претстои ќе даде безрезервна поддршка на европските и евро-атлантските аспирации на Република Македонија.

Министерите Димитров и Чапутович исто така положиле цвеќе пред споменикот на депортираните 7.144 Евреи од Македонија во рамките на комеморативниот настан по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија.