САД се борат против ИД во Сирија со околу 2.000 војници

25 ноември, 2017 | 9:58 часот | 345 прикажувања |

Американската армија има околу 2.000 војници во Сирија, кои во изминатиот период се бореа против Исламската Држава и обучуваат локални вооружени групи, пренесува МИА.

САД досега го имаат потврдено присуството на околу 500 војници, пред се во северните, курдски делови на земјата. Но, извори во Пентагон за американските медиуми најавија дека бројката е многу поголема, и дека сега, по победата над Исламската Држава, активностите на САД ќе бидат најавени во целост. По освојувањето на Рака, главниот град на Исламската Држава, претседателот Доналд Трамп се обрати на нацијата најавувајќи го крајот на бруталното исламистичко движење.

За разлика од некои други држави кои интервенираа во Сирија, како на пример Русија, САД не им даваа многу публицитет на своите операции во државата. САД беа далеку поинтензивно ангажирани во Ирак, каде во соработка со армијата на ирачката Влада и премиерот Хајдер ал Абади, ги протераа борците на Исламската Држава од големо пространство во централен и северо-западен Ирак, освојувајќи го градот Мосул по неколкумесечна борба. САД потврдија дека во Ирак имаат над 5.200 војници, кои учествуваат во борбите или ја обучуваат ирачката армија.

Повеќето од американските војници во борбата против Исламската Држава се специјалци, и офицери задолжени за координирање на артилериски, воздушни и дрон напади врз исламистичките позиции. Во слична улога, САД имаат и 11.000 војници во Авганистан, а наскоро планираат да испратат уште 4.000 војници таму.