Новинарите утре ќе протестираат пред Владата

11 март, 2018 | 22:00 часот | 622 прикажувања |

Новинарите утре ќе протестираат пред македонската влада во одбрана на правната држава, слободата на говорот и физичкиот интегритет на новинарите.

Повод за протестот се заканите упатени кон претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, од страна на висок партиски функционер на коалициониот партнер во владата, ДУИ, Бекир Асани.

„Ќе побараме од Владата на дело да покаже дека се залага за функионирање на секој сегмент на правната држава, особено кога во прашање е слободата на говор и физичкиот интегритет на новинарите“, наведуваат во повикот од Синдикатот на новинари.

Контроверзниот Асани ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите последни навреди и закани упатени кон Селмани имаат цел да ги заплашат сите новинари.

„Ова не е само протест за поддршка на колегата Насер Селмани кој е изложен на сериозни закани и притисок, туку и порака до сите граѓаните кои се загрижени за окрепнувањето и чувањето на темелните вредности на правната држава како слободата на говор и владеењето на правото. СИТЕ КОПИЛИЊА НА ПЛАДНЕ ПРЕД ВЛАДА!“, стои во повикот до новинарите.

Протестот започнува во 11 часот пред ЗНМ, а потоа ќе продолжи пред зградата на Владат во 12 часот.