Македонско-руските односи на крстопат

11 март, 2018 | 21:17 часот | 1.566 прикажувања |

Деновиве во Скопје, Македонија по покана на лидерот на партијата „Единствена Македонија“ Јанко Бачев престојуваше рускиот писател, филозоф и политолог Александар Дугин заедно со својот соработник Леонид Савин. Во Скопје тие беа гости на панел дискусијата: „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“. Нивното излагање на панел дискусијата предизвика лавина реакции на социјалните мрежи и во јавноста во Македонија. Почнувајќи од познатата фраза „Русите доаѓаат“, напаѓање на Путин и на Русија, па се до величање на Путин, на Русија и дека Македонија треба да се приклучи кон Евроазиската економска унија. Многумина исто така ја обвинуваат Москва дека врши притисок над Атина за да го саботира решението за спорот на името со Македонија и дека Москва не ѝ мисли добро на Македонија.

Сета таа перцепција е базирана на погрешна основа. Од непознати причини, најверојатно заради публицитет и посетеност, „Единствена Македонија“ во својата објава за панел дискусијата ги има претставено Дугин и Савин како најблиски соработници за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин. Но сето тоа нема врска со реалноста, ниту Дугин ниту Савин не се дел од тимот на Путин задолжен за надворешната политика на Русија, ниту пак се дел од руското Министерство за надворешни работи.

Голем дел од македонските медиуми без да го проверат овој факт дека Дугин и Савин не се никакви советници на Путин и дека немаат никаква врска со Кремљ, во етер ја пуштија веста дека „Русите доаѓаат“ и дека Путин има таен план за да ѝ наштети на Македонија. Но тоа не е ништо ново, новата влада во Македонија отворено влезе во конфронтација со Москва во обидот за додворување на Западот. Почнувајќи од пишувањето дека руската ГРУ (Главната дирекција на рускиот Генералштаб) е вмешана во организацијата и спроведувањето на немирите во македонското собрание од 27 април 2017 година, изјавата на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за „Блумберг“ дека НАТО  ќе ја заштити Македонија од мешањето на Русија во внатрешни работи на земјата и ќе го намали руското влијание, па се до изјавата на премиерот Заев во емисијата „Жива вистина“ на црногорската Прва телевизија „дека очекува обид за атентат од страна на Москва по влезот на Македонија во НАТО“.

Подоцна како резултат на реакцијата на Москва, Заев мораше да ретерира од својата изјава и да каже дека тој не мислел така и дека не бил разбран правилно. Сето тоа доведе до влошување и на онака лошите дипломатски односи на релација Скопје Москва и тоа резултираше што за време на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), кое што се одржа во Санкт Петербург во периодот од 16 до 18-ти октомври 2017 год. македонската делегација предводена од претседателот на собранието Талат Џафери била пречекана со најниски почести и им била откажана средбата со руските официјални лица. Освен изјавите на македонските официјални лица кои што подоцна самите ги демантираа, ниту на македонската, а ниту на светската јавност не ѝ беа презентирани било какви докази дека Русија реално е замешана во некаква валкана игра и стратегија против Македонија. Сето ова наликува на алиби на новата влада во Македонија и додворување на Западот дека не само Западот туку и Македонија е мета на руската валкана игра и дека како резултат на заканите од Москва, Македонија мора под итно да влезе во НАТО и да го реши спорот со името со Грција, а сето тоа доведе руско-македонските односи да бидат на историски најниско ниво.

Официјална Москва со изјавите на министерот Лавров и на Марија Захарова, официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи со нивните изјави во однос на Македонија само долеваа масло во огнот и им дадоа алиби на македонските власти за нивните изјави. За да се разберат изјавите на официјална Москва, треба да се прочита новата руска концепција за надворешни работи, потпишана од страна на Путин на 30.11.2016 год. Во неа се наоѓаат одговорите на тие прашања зошто Москва дава такви изјави и пораки во однос на Македонија, и јас лично се сомневам дека било кој во Македонија ја има прочитано и анализирано новата руска надворешна концепција.

Во неа Русија јасно и недвосмислено се залага за спречување на проширувањето на НАТО и на инфраструктурата на НАТО на исток, дека Русија е против насилна и неуставна промена на властите било каде во светот (Москва се плаши од обоена револуција дома), дека внатрешните политички и други конфликти треба да се решат внатре во самите држави, без готови решенија и мешање од страна, против политички притисок од надвор за решавање на внатрешните проблеми. Москва реално нема ништо против членството на Македонија, Србија и на Балканот во ЕУ, што недвосмислено многу пати е изјавено и од Лавров, и од самиот Путин, но Москва во НАТО гледа опасност како резултат на проширувањето на НАТО на исток, разместувањето на системите ПРО во Полска, Бугарија и Романија, и како резултат на влошувањето на односите на релација Москва-Брисел после почетокот на конфликтот на истокот на Украина и враќањето на Крим во составот на Русија.

Факт е дека Москва и покрај зголемениот интерес кон Македонија во последните неколку години пред се преку политиката на “soft power” на културен и образовен план, не гледа во Македонија надежен партнер на Балканот, и дека Москва на Балканот е насочена кон Србија, Република Српска, Словенија, Грција и во последно време Бугарија како резултат на активирањето на проектот Јужен или Турски поток.

Неодамна во тридневна посета на Москва беше македонскиот министер за земјоделие и копретседател на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Македонија и Руската Федерација Љупчо Николовски. За време на неговата посета беше договорена унапредување на економската и трговската соработка, како и експертска помош од страна на Русија за македонската фотосанитарна инспекција согласно потпишаниот меморандум за соработка.

Иако последните години трговската размена меѓу Македонија и Русија има тенденција на пораст и изнесува 200 милиони долари, во реалноста има простор за уште поголема и подинамична трговска размена. Треба само Македонија да се потруди да ги врати во нормала односите со Москва и да работи на економска промоција на Македонија и македонските производи во Русија. Русија ќе ѝ биде потребна на Македонија во гасификацијата на Македонија, одржувањето на македонскиот енергетски сектор и како резултат на тоа што најголемиот дел од македонската воена техника е од советско потекло, Македонија ќе има потреба од Русија во ремонтот и одржувањето на истата, додека да премине на западно вооружување.

Но со евентуалниот влез на Македонија во НАТО, најверојатно Македонија ќе биде приморана да воведе санкции кон Русија, по што Русија ќе воведе контра-санкции во однос на Македонија, што ќе доведе до влошување на и така лошите дипломатски односи, како и до пад на македонскиот извоз во Русија и огромни загуби за македонските земјоделци. Но Македонија како пример може да ја земе Словенија, која што и покрај тоа што е во ЕУ развива добри односи со Москва.

И покрај санкциите од страна на ЕУ кон кои се прилучи и Словенија, трговската размена меѓу двете земји е зголемена лани за речиси 25 проценти и достигнува неполни 1,3 милијарди долари. Руски туристи за 33 проценти ја зголемиле посетата на Словенија. Збербанка има удел од над четири проценти во словенечкото банкарство. Во челичната индустрија на Словенија се вложени над 400 милиони долари од руски инвеститори. Над 70 проценти од потребите за гас Словенија ги задоволува од Русија. Отворена е филијала на Московскиот државен универзитет – Ломоносов во Словенија. Се работи на отворање на филијала на словенечкиот Форум на славјанска култура во Москва, има заеднички културни здруженија, се чуват и се подигаат нови обележја со кои се дава почит на загинатите од Русија или СССР за време на двете светски војни. Многу словенечки компании и производи се распространети на огромниот руски пазар.

И покрај тоа што приоритет на Македонија се ЕУ и НАТО и што Македонија е на чекор од влез во НАТО, Македонија не треба да ја затвора вратата на Москва и да има лоши односи со Москва, напротив, Македонија треба да земе пример од најголемиот дел европски земји, кои и покрај тоа што воведоа санкции во однос на Москва ги развиваат своите односи со неа и нивната трговска размена со Русија е во подем. Примерот на односите помеѓу Словенија и Русија може да биде доста поучен и полезен за Македонија.

 

 

 


Пишува: Дарко Тодоровски

Авторот е студент во втора година на магистерски студии при Академијата на Претседателот на Русија