СДСМ за предлогот на Мицкоски: Со блокирање на Законот за јазици се блокираат реформите

11 март, 2018 | 20:41 часот | 13.499 прикажувања |

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажниот патриотизам. Блокирајќи го Законот што тие го прифатија во надеж дека ќе формираат Влада, впрочем ги блокираат реформите со што го кочат развојот на Македонија. Со тоа дејствуваат на директна штета на граѓаните и на државата, реагираат од СДСМ на денешното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за ТВ Сител.

„Христијан Мицкоски продолжува да ги води истите политики што ги водеше неговиот претходник Никола Груевски, а коишто нанесувааат штета врз државните и интересите на граѓаните. Мицкоски треба да смогне сили, вистински да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ и да ги надмине политиките на поделби и омраза на неговиот претходник во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани“, велат од СДСМ.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да го прифатат концептот на едно општество, а не напразно да го споменуваат во јавноста и низ медумите. Како што посочуваат од СДСМ, без разлика на штетното дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија станува модерна демократска држава и едно општество за сите граѓани.