Одбележани 75 години од холокаустот врз македонските Евреи

11 март, 2018 | 17:48 часот | 314 прикажувања |

По повод 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна, денес владини делегации присуствуваа на комеморативните настани во Скопје, Битола и Штип, информираат од владината прес-служба.

Во спомен на овој трагичен настан, владина делегација предводена од министерка задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, во придружба на заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и заменик министерот локална самоуправа Дејан Павлески, положија свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во Народно ослободителната борба (НОБ) на градските гробишта Бутел во Скопје.

Во Битола, владина делегација предводена од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и државниот секретар од министерство за надворешни работи Виктор Димовски, се придружи на комеморативните настани по повод холокаустот на Евреите од Македонија, почнувајќи со положување свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Eвреи од Битола и споменикот на народниот херој Естреја Овадија – Мара.

Присутните продолжија со симболичниот „марш на живите“, молитвата на еврејските гробишта и отворањето на Ерусалимската патека, а подоцна владината делегација ќе присуствува и на отворањето на изложбата „Дипломати праведници помеѓу народите“ во Музејот на град Битола.

Владина делегација во состав министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар од министерството за здравство Владо Милошев присуствуваше на комеморативните настани во спомен на депортираните Евреи од Штип, и со останатите државни и локални делегации, после приемот кај градоначалникот на Штип, положија свежо цвеќе пред споменикoт на депортираните Евреи од овој град.

Комеморативната програма продолжува вечерва во Македонската филхармонија во Скопје со отворен концерт од 20:00 часот и на 12. март во Скопје со симболичниот „марш на живите“, и положување свежо цвеќе на споменикот на 7144 македонски Евреи кои биле депортирани од Империал Тобако ТКС (бивш Монопол) кон Треблинка.

На овој настан, во спомен на депортираните Евреи од Македонија, сеќавање на холокаустот и заложба за борбата против антисемитизмот, ќе се обратат претседателката на Еврејската заедница во Македонија, г-ѓа. Берта Романо Николиќ, Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев и Претседателот на Владата на Република Бугарија г. Бојко Борисов, по што ќе се упатат кон комеморативната седница во Собранието на Република Македонија.