Влада на РМ: Исплатен е надоместок од 22.000 денари за вработените во Еурокомпозит

11 март, 2018 | 17:40 часот | 624 прикажувања |

Одлуката на Владата на Република Македонија од 57-та седница за надминување на состојбите и наследените проблеми во АД 11 Октомври Еурокомпозит се реализира, и на вработените во ова претпријатие им е исплатен надоместок од 22.000 денари, информираат од владината прес-служба.

„На владината седница, Министерството за внатрешни работи беше задолжено да ја продолжи реализацијата на договорот со АД 11 Октомври Еурокомпзит, да изврши репрограмирање на обврските кон Еурокомпозит и да изврши авансна исплата на обврските предвидени со Договорот за изработка на производи наменети за потребите на министерството“, соопштија од Владата.

Министерството за внатрешни работи ја исполни својата обврска и изврши авансна исплата, а Министерството за финансии преку трезорската сметка веднаш ги префрли парите на АД 11 Октомври Еурокомпозит, со што е обезбеден надоместок од 22.000 денари за секој од вработените.

„Во насока на трајно решавање на проблемите во фабриката АД 11 Октомври Еурокомпозит, Владата на Република Македонија ќе обезбеди финансиски средства за изработка на финансиска и правна анализа за компанијата и ќе се разгледаат мерки и можни решенија за системско решавање на наталожените состојби од изминативе години“, се вели во владиното соопштение до медиумите.