Трамп го откри слоганот за претседателските избори во 2020

11 март, 2018 | 11:51 часот | 596 прикажувања |

Американскиот претседател кој вчера се обрати на собир во Питсбург рече „Не можеме да кажеме ‘Да ја направиме Америка повторно голема’, зашто јас веќе ја направив таква. Не може тоа да го кажувам по три или две и пол години, многу е рано. Јас сум речиси сигурен, не можете секогаш 100 проценти да бидете сигурни, ама новата кампања ќе биде ‘Зачувајте ја голема Америка’, со голем извичник“.

Тој додаде дека сака да се кандидира во 2020 за да види колку далеку кон лево може да отидат неговите противници.

Трамп во говорот зборуваше и за новите тарифи воведени од САД кон ЕУ, што ги нарече „мој изум“. Рече оти се надева и на најголем договор досега со Северна Кореја.

Застанат на бината пред илјадниците поддржувачи во Питсбург, американскиот претседател уште еднаш потенцираше дека би сакал да ја има Опра Винфри за противник на изборите во 2020, зашто таа си ги знаела своите слабости.