Димитров на средба со сенаторот Марфи: Македонија е незавршена работа за НАТО

10 март, 2018 | 22:44 часот | 771 прикажувања |

Денес во Брисел, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, оствари средба со сенаторот Крис Марфи, копретседавач на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, на која учествуваше и Сузан ДелБене од Претставничкиот дом на САД.

Како што информираат од МНР, Димитров и Марфи размениле мислења за актуелните состојби во Република Македонија и Регионот, заеднички констатирајќи ги важноста и потребата од што побрзо евроатлантско интегрирање на Република Македонија.

Министерот Димитров го запознал сенаторот Марфи со реформските постигнувања во однос на евроатлантската агенда како и со актуелностите во процесот на разговорите со Грција во правец на надминување на разликата околу името.

За време на состанокот, Димитров изјавил: „Република Македонија е незавршена работа за НАТО и во 2018 година се нуди одлична можност за заокружување на стратешката определба на македонските граѓани за полноправно членство во Алијансата. Напорно работиме на системските реформи во правосудството и разузнавачките системи и го засилуваме својот партнерски ангажман во борбата против глобалниот тероризам и екстремизам и градењето на мирот во Авганистан“.

По престојот во Брисел, сенаторот Марфи ќе ја посети Република Македонија каде ќе учествува на комеморативните настани по повод 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија.