Во Скопје, Штип и Битола ќе биде одбележана 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи

10 март, 2018 | 14:01 часот | 302 прикажувања |

Седумдесет и пет годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна, годинава ќе биде одбележана со низа случувања во спомен на овој трагичен настан, во организација на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Дводневната комеморативна програма ќе започне утре, со прием кај градоначалниците на Скопје, Битола и Штип, по што ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на депортираните Евреи.

Вечерта во Македонската филхармонијa во Скопје, ќе се одржи комеморативна вечер со концерт од отворен тип. На настанот ќе се обратат Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, заменик министерот за одбрана на Државата Израел Ели Бен Дахан, претставникот на Американски еврејски комитет и претставник на ОБСЕ претседавачот за борба против антисемитизам, рабин Ендру Бејкер, и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ.

Во рамки на одбележувањето на 75. години од Холокаустот на македонските Евреи, в понеделник во Скопје ќе присуствува и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како што објави владината прес-служба, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Борисов ќе положат цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи, по што се најавени нивни обраќања, како и на претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ. По маршот делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија каде е предвидено одржување комеморативна седница.