Влада на РМ: Се враќа довербата во перспективите на домашната економија

10 март, 2018 | 11:49 часот | 647 прикажувања |

Владата денеска оцени дека објавените статистички податоци за раст на БДП, на вработеноста и на индустриското производство се доказ за економска стабилизација и враќање на изгубената доверба во перспективите на домашната економија.

„Објавените податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за бруто домашниот производ (БДП) за изминатата година покажуваат дека во четвртиот квартал во 2017 година економијата бележи раст од 1,2 процента и излегува од состојбата на стагнација. Ова е доказ дека се враќа изгубената доверба во перспективите на домашната економија“, посочуваат од Владата на РМ.

Дополнително, се наведува во соопштението од владината прес-служба, последно објавените податоци на ДЗС покажуваат и раст на индустриското производство од осум отсто што претставува уште една потврда дека економската активност се интензивира.

„Фактичката состојба којашто ја наследи Владата по своето формирање беше пад на економијата од 1,3 проценти заради тешка политичка криза предизвикана од политичките блокади, но и заради неодговорното менаџирање со економијата изминатите години. Новите економски политики, реформските процеси, реафирмацијата на ЕУ и НАТО интеграциски процеси на Република Македонија придонесоа економијата да се стабилизира и да почне да бележи стапки на раст на БДП“, се наведува во соопштението од Владата.

Економската стабилизација, според Владата, се потврдува и со податокот за годишен раст на вработеноста од 1,9 проценти во четвртиот квартал во 2017 година, споредено со истиот квартал во 2016.