Заев на средба со австриски дипломати: Очекуваме чиста препорака и датум за преговори со ЕУ

9 март, 2018 | 17:14 часот | 497 прикажувања |

Премиерот Заев денеска се сретна со делегација на австриски дипломати и амбасадори од регионот, предводена од Клаус Волфер, раководител на секторот за Западен Балкан во Австриското министерство за Европа, интеграција и надворешни работи, придружувани од Ренате Колбер, амбасадорка на Република Австрија во Република Македонија, информираат од владината прес-служба.

Австриските амбасадори, во Скопје ги подготвуваат приоритетите на австриското претседателство со ЕУ во втората половина од 2018 година, во однос на Западен Балкан.

Пораката што ја испратиле дипломатите и амбасадорите од Република Австрија на средбата со премиерот Заев е дека Австрија силно ја поддржува Република Македонија на евроинтеграцискиот пат, како и другите земји во регионот, во интерес на просперитет и стабилност на целиот регион.

Раководителот на секторот за Западен Балкан во Австриското министерство за Европа, интеграција и надворешни работи, Волфер му честитал на премиерот Заев за реформските промени во државата, во однос на предизвиците со коишто се соочуваше државава само пред неполна година и соопштил дека се чувствува позитивната клима во земјава.

Премиерот Заев истакнал дека за Република Македонија е од големо значење и силна охрабрувачка порака поддршката што ја добива државата од земјите пријатели од ЕУ, како што е Република Австрија.

„Ги правиме сите потребни реформи, во правосудството, во јавната администрација, во тајните служби, во медиумите, вклучувајќи ги сите засегнати страни и опозицијата. Градиме пријателства во соседството – по договорот со Република Бугарија, пристапивме и во процес на градење доверба и поактивен дијалог со Република Грција. Нашите очекувања се овие напори на Република Македонија да бидат вреднувани и нашата држава на пролет да добие чиста препорака од ЕУ, а за време на австриското претседателство и датум за почеток на преговорите со Европската унија“, рекол премиерот Заев.

Премиерот Заев додал дека за Република Македонија, ЕУ и НАТО значат економија, повисоки плати, нови работни места за граѓаните и дека доказ за тоа се придвижувањата на инвестициски план, што веќе резултираат со конкретни договори за инвестирање во Македонија.

На средбата била изразена согласност дека Република Македонија, а и земјите од Западен Балкан треба да го искористат позитивниот моментум, да работат на реформите и да ги решат билатералните прашања, за да станат дел од ЕУ, каде што припаѓа регионот.