Рочиштето за Грујевски и Бошковски во Атина зад затворени врати

9 март, 2018 | 12:06 часот | 526 прикажувања |

По барање на адвокатите, жалбата по одлуката на солунскиот суд за екстрадиција на Грујевски и Бошковски, во Врховниот суд во Атина се одржува зад затворени врати. Тимот од двајцата грчки адвокати на Грујевски и Бошковски побарале од шестчлениот Совет на судии и обвинителот рочиштето да не биде јавно, а по барањето на претседателката на Советот, тие образложиле зошто сакаат судницата да биде испразнета.

Станувало збор за политички прогон и се обвинети за политички криминал, нешто со што тие како одбрана не се согласуваат, објасниле дека во исказот што ќе го дадат има прашања кои што се доверливи, кои што не се за во јавност, со оглед на тоа дека рочиштата се јавни и никој не знае кој сѐ се наоѓа во судницата.

Пред да биде донесена конечната одлука дали ќе се прифати или не сослушувањето да биде зад затворени врати, претседателката на Советот на судии им објасни на Грујевски и Бошковски дека нивните адвокати бараат рочиштето да биде затворено и побара согласност од нив. На прашањето дали и тие се согласуваат сослушувањето да се одржи зад затворени врати, двајцата одговорија позитивно.

Веднаш потоа, обвинителот соопшти дека барањето е прифатено и во судницата останаа само Бошковски, Грујевски, полициското обезбедување, преведувачот и двајцата адвокати.