Мицкоски за рокот на Џафери за Законот за јазици: Ултиматум не коментирам

8 март, 2018 | 17:53 часот | 1.990 прикажувања |

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со лидерот на скопското крило на БЕСА, Африм Гаши.

Двајцата соговорници на средбата разговарале за економската и политичката ситуација во земјата, а по завршувањето на истата Мицкоски одговараше на новинарски прашања поврзани со актуелната ситуација околу Законот за употреба на јазиците и можноста преку лидерска средба да се „испеглаат“ различните ставови на власта и опозицијата.

Мицкоски на ова рече дека во моментов не постои таква иницијатива и дека сето тоа е на ниво на шпекулација, а во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе му даде шанса на политичкиот дијалог околу Законот за јазиците, Мицкоски одговори:

„Мислам дека ние бевме тие што први повикаа на дијалог, формирање работни групи што ќе бидат составени од сите политички партии кои се парламентарни, вклучување на експертската заедница, професорите, се разбира и претставници на МАНУ, претставници на Кабинетот на претседателот, а со цел да го подобрат квалитетот на предлог-решението“.

На прашањето што ќе се случи претстојнава недела што како рок е дадена од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека нивниот став како партија е прилично јасен, дециден, концизен и нуди решение за излез од ситуацијата:

„Ултиматум не коментирам. Прво не е на мое ниво да коментирам таков тип изјави. Како држава и како Влада, бидејќи се декларираат дека се реформска, треба да им дадат приоритет на реформите. Тоа е она што треба да нè води во иднина. Тоа е она што во оваа држава треба да се развива. Видовме еден катастрофален резултат за четвртиот квартал за растот на бруто домашниот производ кој е буквално ист како оној што ние го комунициравме изминативе денови. А тоа е дека Македонија има катастрофален раст на економијата и во 2017 година е закована на дното со нула проценти, додека светска економија бележи раст. Треба да имаме конечно одговорност да видиме што е она што е приоритет во оваа држава. Ако некој мисли дека партиски агенди се приоритет за развој на оваа држава, ние не мислиме“, рече Мицкоски.