СДСМ: За грижата на ВМРО-ДПМНЕ за пензионерите зборува состојбата со ПИОМ

8 март, 2018 | 17:38 часот | 687 прикажувања |

Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижеше за граѓаните, за време на своето владеење ќе работеше на создавање услови за економски напредок и квалитетен живот за сите и немаше да ги задолжува и осиромашува граѓаните и државата само за да се задоволат криминалните апетити на поединци од раководството на партијата, реагираат од владејачката СДСМ.

„Токму неспособноста и криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ се причината за предизвиците со коишто денес се соочува ПИОМ и затоа опозициската партија шири лажни вести. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со тоа што Владата предводена од СДСМ се грижи за сите категории граѓани подеднакво“, велат од СДСМ.

Посочуваат дека пензиите се усогласуваат со трошоците за живот и тие се исплаќаат редовно и навремено. Одржливоста на пензискиот систем е приоритет за Владата предводена од СДСМ и затоа преку економските политики и Планот за економски раст, се обезбедуваат нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати и економски развој, мерки преку кои се стабилизира состојбата со ПИОМ.

„Граѓаните ја чувствуваат разликата помеѓу расипничкото и криминално трошење на буџетските пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ и одговорното работење на Владата предводена од СДСМ. Тоа го потврдуваат и економските параметри. По падот на економијата поради лошото владеење на ВМРО ДПМНЕ на почетокот на 2017 година, во последната четвртина од годината, економијата порасна за 1.2 % како одраз на враќањето на стабилноста и ефикасноста на спроведените мерки“, се додава во реакцијата на СДСМ на денешниот прес на Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.