ВМРО-ДПМНЕ: Пајакот мора да биде сопрен!

8 март, 2018 | 15:17 часот | 651 прикажувања |

Пајакот мора да биде сопрен! Колку и да звучи иронично, неказнивоста и селективната примена на законите само предизвикуваат охрабрување на насилството, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по заканите упатени кон претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува заканите кои му биле упатувани на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Со жалење констатираме дека ваквите појави се последица на инертноста и неодговорноста на МВР која наместо соодветно да ги санкционира политичките насилници, ги заштитува и ги забошотува случаите на насилство и закани“, се вели во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека сторителите се добро познати, ама Оливер Спасовски, Владата на СДСМ и надлежните институции се прават слепи при очи и глуви при уши.

„ВМРО-ДПМНЕ принципиелно бара да се санкционира секој облик на закани и насилства, особено кон новинарите и медиумите, кои до ден денес власта на СДСМ не ги процесуирала. Ваквото однесување на структурите на СДСМ само покажуваат за какво лицемерие се работи и нивната неподготвеност да се спотивстават на подземјето, политичките насилници и криминалци кои поради блискоста со владеачката партија се чувствуваат недопирливи во нивното тероризирање на граѓаните во Македонија“, нагласуваат од партијата.