Гутереш: Постигнувањето родова еднаквост е недовршена работа на нашето време

8 март, 2018 | 12:22 часот | 612 прикажувања |

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска ја оквалификува дискриминација на жените како најголемиот проблем на нашето време.

„Меѓународната заедница мора да ги надмине сериозните пречки во борбата против дискриминацијата и експлоатацијата на жените“, истакна Гутереш во пораката по повод Меѓународниот ден на жената, 8 март.

Тој рече дека постигнувањето родова еднаквост, како и проширување на правата и можностите на жените „е недовршена задача на нашето време и најголемиот проблем во областа на човековите права во денешниот свет“.

Гутереш особено внимание посвети на обемноста на сексуалните напади против жените на работните и јавните места, во домовите, дури и во земји кои се гордеат со своите достигнувања во областа на родовата еднаквост.

За Меѓународна година на жената прогласена е 1975. Тогаш Обединетите нации почнаа и официјално да го одбележуваат Меѓународниот ден на жената.

Меѓународниот ден на жените, популарно наречен Осми март е празник на економските, политичките и општествените достигнувања на жените.