„Музика и танц“ на секстетот Пламенка Трајковска во Ресен

8 март, 2018 | 11:30 часот | 1.686 прикажувања |

Со цел да се доближи класичната музика до децата, секстетот предводен од Пламенка Трајковска, во Кино салата при Домот на културата„Драги Тозија“ во Ресен, по повод празникот 8 март, одржа два концерти. Ваквиот вид на музика, која не толку често е дел од културната понуда во Ресен, предизвика големо внимание кај најмладите.

„Ова е одлична можност од една страна, но секако и ретка прилика во која децата можат да ја почувствуваат убавината на класичната музика. Одржавме два концерти во Кино салата во Ресен и имавме прекрасна публика, која одлично реагираше на нашето музицирање. За нас ваквите настапи се многу значајни, затоа што успеваме да пренесеме дел од класиката која се изведувала од дамнешни врамиња, па се до ден денес кај најмалите, за да создадеме база на вредности кои понатаму ќе ја негуваат класичната музика“, рече виолинистката Пламена Трајковска.

На концертот беа изведени дела од Бокерини, Моцарт, Штраус, Шуберт и Офенбах, а децата покрај тоа што уживаа во прекрасните менуети, валцери и танго композиции, беа поканети да танцуваат.

„Концертите беа под наслов „Музика и Танц”, што со самото име предизвикаа интерес кај децата од основните училишта. Пламенка Трајковска, академски музичар и виолинист со долгогодишно искуство, заедно со своите соработнициќе се погрижија децата уште од најмала возраст да се запознаат со делата на великаните на класичната музика и одблиску да ги запознаат со инструментите на кои музицираа“, рече директорот на Домот на културата Васко Василевски.

Ова е втор културен настан по повод 8 Март во Општина Ресен. Синоќа во просториите на Сарајот, во преполниот изложбен салон се одржа Мултимедијалниот проект на кој учениците од ресенските основни училишта претставија дел од своите ликовни творби, младите поети читаа свои песни на Македонски, Турски и Албански јазик, а за музичкиот дел се погрижија учениците од Школата за пијано која работи под закрила на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен. Настанот беше под покровителство на сопругата на градоначалникот на оваа општина, Билјана Гошаревска.