Главната расправа за „Таргет-Тврдина“ ќе биде на 22-ри декември

23 ноември, 2017 | 11:13 часот | 229 прикажувања |

Главната расправа за предметот на СЈО „Таргет- Тврдина“ е закажана за 22-ри декември, соопшти Основниот суд- Скопје 1.

Во предметот обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

СЈО вчера соопшти дека е донесена првата правосилна пресуда за случајот „Таргет- Тврдина“. За ова, Обвинителството водеше одвоена постапка. Еден од обвинетите го призна делото и доби условна казна затвор од шест месеци.

Обвинителството не го открива неговиот идентитет. Тој е осуден за помагање на сторител во извршено кривично дело. Бил одговорен за бришење на логовите од системите за прислушување, што го потврдил и експертот од компанијата „Ериксон“.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева изјави дека очекува најстроги казни за поранешниот директор на УБК, Мијалков и поранешниот началник на Петтата управа, Грујевски.

извор: МРТ