Решение за увоз на српското брашно

7 март, 2018 | 22:56 часот | 517 прикажувања |

Министрите Николовски и Љајиќ се договорија. Контролните маркици за брашното во пакување од 1, 2 и 5 килограми ќе се ставаат во Србија, додека за поголемите пакувања од 25 и 50 килограми во Македонија. Со договорот се надминати проблемите околу увозот на српско брашно на македонскиот пазар, но министрите се договорија заеднички, преку посебен Комитет, да ги нотираат и да ги елиминираат сите вонтарифни бариери кои се пречка за зголемување на меѓусебната трговија. Првата средба е договорена за 14-ти март во Белград.

„Ќе бидат отворени сите овие прашања. Во рок од 30 дена ќе бидат нотирани сите прашања помеѓу двете министерства, односно бариерите кои што постојат на едната или на другата страна. Ќе се дискутира и за извозот на македонските производи: македонското вино, алкохолот, тутунот, земјоделските производи. Генерално, за сите бариери што постојат, ќе се разговара за меѓусебното признавање на сертификатите помеѓу двете земји“, изјaви министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Српскиот министер Љајиќ со искрен одговор, се најдовме на половина пат и затоа е рокот од 1 месец за надминување на бариерите на двете страни.

„Она што е многу поважно е дека денеска недвосмислено покажавме взаемна политичка волја и подготвеност да работиме на отстранување на сите вонцарински бариери и пречки што стојат на патот на меѓусебната трговија меѓу двете земји. Наша цел е постоечката стоковна размена од 767 милиони евра да ја зголемиме годинава до милијарда евра“, рече министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ.

извор: МРТ