Во МКЦ ќе се промовира видео-играта „Франтикс“ на која работеше тим Македонци

7 март, 2018 | 8:26 часот | 611 прикажувања |

Во Младинскиот културен центар вечер ќе биде промовирана видео-игра „Франтикс“ (Frantics), наменета за светски пазар, а на која работеше тим Македонци.

На играта две години работеа седумдесетина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 се од Македонија.

„Возбудени сме што конечно можеме да говориме за „Франтикс“, една од првите игри, којашто е ексклузивна за плејлинк-платформата, којашто подразбира комбинирање паметни телефони, телевизија и Плејстејшн 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на Плејстејшн, говори за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство“.

„Франтикс“ е многу социјална игра, којашто открива нови технологии и начини на комуникација, вели Дајана Димовска, косопственичка на „Напнок гејмс“, која стои зад „Франтикс“.

Станува збор за игра, која на четири играчи ќе им овозможи забава преку различни мини-игри.

Направена е во копродукција со „Сони плејстејшн“, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видео-игри.

„Напнок гејмс“ е компанија што постои седум години и досега има добиено бројни награди од областа на видео-игрите. Има свои претставништва во Копенхаген, Париз, Минеаполис и Скопје.