Османи до Сарацин: Стабилноста на Германија е поттик за европската интеграција

6 март, 2018 | 12:38 часот | 653 прикажувања |

Денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања заменик-претседателот на Владата, Бујар Османи, оствари средба со пратеникот од редовите на „зелените“ во германскиот Бундестаг, Мануел Сарацин, кој воедно е и член на парламентарната Комисија за надворешни работи, како и на парламентарната Комисија за европски прашања при Бундестагот.

Османи изрази задоволство од напредокот во остварувањето нов договор за нова големата коалициска влада во Германија изразувајќи притоа и надеж дека позитивниот импулс и поддршката за процесот на проширување подеднакво ќе бидат рефлектирани и во новиот состав како и досега.

„Политичката стабилност на Германија е важен предуслов за просперитетна и обединета Европа, а воедно претставува и основен поттик за европската интеграција на земјите од Западен Балкан“, истакна Османи.

За време на средбата вицепремиерот на својот соговорник му ги пренесе впечатоците од исклучително успешната посета на Германија каде ѓто висока владина делегација на Македонија оствари исклучително важни средби со највисокиот државен врв на Германија, меѓу кои и со канцеларката Меркел и со претседателот Штајнмајер.

„Имајќи ја предвид политичката поддршка, како и финансиската и развојна поддршка на Македонија, Германија ја сметаме за земја пријател и партнер на земјава со огромна поддршка за нашите европски и евро-атлантски аспирации, што и лично ни беше потврдено од страна на канцеларката Меркел, како и од претседателот Штајнмајер“, истакна Османи изразувајќи притоа благодарност до Германија и за нејзината активна улога во одржување на процесот на проширување високо на агендата на Европската Унија, особено преку иницијативата на „Берлинскиот процес“.

Во контекст на пораките содржани во Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година, Османи подвлече дека истата не само што претставува еден од клучните документи со кои ќе се зацврсти европската ориентација на земјите од Западниот Балкан туку во неа е прецизно валоризиран и скорешниот напредок на Република Македонија во со што се отвора историска можност за враќање на Република Македонија на европскиот колосек и нејзино приклучување кон динамиката на проширување 2025.