Средба Заев-Јанча: Македонија е на средина на реформите

6 март, 2018 | 12:35 часот | 448 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Мирослав Јанча, помошник-генерален секретар на Обединетите нации за политички прашања, придружуван од постојаната координаторка на ОН во земјава, Луиза Витон.

На средбата помошник-генералниот секретар на ОН му пренесе на Заев порака на поддршка од генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, за спроведувањето на значајните реформи во нашата држава, за политиките на пријателство, како и за храбрите политики на лидерство коишто водат до решенија за важни политички прашања од полза на граѓаните и за државава. Помошник-генералниот секретар на ОН, Јанча, исто така посочи дека во Обединетите нации се забележани политиките на толеранција на различностите што ги водат премиерот Заев и Владата, а коишто се во насока на стабилност и просперитет на Македонија, а со тоа и пошироко во регионот.

Премиерот Заев посочи дека Владата е цврсто определена кон остварување на стратешките цели на Република Македонија, интеграција во ЕУ и НАТО, коишто отвораат економски перспективи на граѓаните и на земјава и дека е сериозно поставена во реализацијата на реформската агенда.

„На средина на реформите сме. Работиме на сите потребни реформи за воспоставување правна држава и економски развој, како и на унапредување на добрососедските односи, што очекуваме дека ќе направи поместувања кон евро-атлантските цели на Република Македонија. Градиме едно општество за сите, низ инклузивни политики на соработка за важни државни и граѓански прашања. Високо ја цениме поддршката од Обединетите нации, генералниот секретар на ОН Гутереш и од медијаторот Метју Нимиц, којашто е во функција на стабилност на Република Македонија и на целиот Балкан“, рече премиерот Заев.

Помошник- генералниот секретар на ОН, Јанча, на средбата се заблагодари за поддршката од премиерот и од Владата на Република Македонија за реформите што во ОН ги иницираше генералниот секретар, Гутереш. Исто така ја поздрави активната соработка на Владата на Република Македонија со постојаната координаторка на ОН во земјава, Витон, во спроведувањето на агендата за одржлив развој на ОН, чијашто цел е подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани.

На состанокот на премиерот Зоран Заев со помошник-генералниот секретар на ОН, Мирослав Јанча, било констатирано дека нашата земја се движи во позитивна насока и дека напредокот на Македонија ќе биде добар сигнал за сите.