ИНТЕРВЈУ со Леонид Савин, советникот на Путин: Ако Македонија побара, ќе добие било каква помош од Русија!

5 март, 2018 | 22:14 часот | 31.613 прикажувања |

На покана од новоименуваната партија „Единствена Македонија“, во нашата земја изминатиот викенд гостуваше еден од главните советници на рускиот претседател Владимир Путин, светскиот експерт за геополитика Леонид Савин.

Нашиот медиум ја имаше честа преку ексклузивно интервју да ги пренесе неговите гледишта за македонските состојби и за состојбите во светската геополитика.

МАКЕДОНИЈА 365: Господине Леонид Савин, веќе сте по вторпат во Македонија. Од првиот пат поминаа две години. Што според вас е променето до сега?

– Да, токму така. Пред две години дојдов да ја запознаам Македонија. Тогаш забележав една напната ситуација во која се правеа разни проблеми во обид да се промени тогашната власт. Сега е веќе променета таа власт. Ете, тоа е прво нешто што е променето.

МАКЕДОНИЈА 365: Вашата мисија овојпат е сосема приватна или во мисија на мисијата од „Единствена Македонија“. Или во мисија на „Единствена Русија“?!

– Да појаснам, ние овде не ја претставуваме руската држава, туку рускиот народ. Ние сме претставници на Евроазиската Унија или евроазиското движење. Овде сме, како што и знаете, на покана на раководителите од „Единствена Македонија.“

МАКЕДОНИЈА 365: Ги слушнавме претходно и гледиштата на првите луѓе на „Единствена Македонија“ и, како што тие  предлагаат, ние во Македонија треба да се стремиме кон Евроазиската, а не кон Европската Унија. Вие, секако, знаете зошто?!

– Не е наше да се мешаме во другите држави, а искажуваме категорички дека единствено на Македонија е, и на македонскиот народ, правото да избере во каков сојуз ќе се придружи и со кого и како ќе соработува.

МАКЕДОНИЈА 365: Македонија е мала земја и од една страна е во огромен наплив од евроатлантските структури, веќе со децении, но, за жал, ние, како Македонија сė уште тапкаме во место. Како Русија гледа на овие македонски состојби и колку може Русија со нејзината геополитика и геостратегија да помогне за Македонија да се одлепи од дното или од површината за да се искачи на едно повисоко скалило, на еден заслужен пиедестал?

– Проблемот е токму во тоа што Европската Унија, преку наводната евроинтеграција, мошне лукаво го руши и го одзема суверенитетот на секоја од земјите кандидати за влез во таа заедница. Русија добро ги разбира работите со Европската унија и нејзината намера не е нималку алтруистичка. Оттука и решението да се биде  барател и кандидат за членство во Европската Унија и не е толку добра работа или придобивка, особено кога гледате како и внатре во Унијата веќе постои огромна криза. Доволно е да се спомене случајот со Велика Британија.

Наспроти ова, позицијата на Русија е сосема поинаква. Русија се залага за зачувување на суверенитетот на сите мали земји, за зачувување и самопопределување на секоја од малите земји. Тоа исто важи и за името на секоја од земјите, како што денес тоа е, за жал, проблем, европски проблем со негирањето на името на Македонија… Секако, универзално решение нема, но треба да се согледуваат работите онакви какви што се, а не да се извртуваат историски или политички. Еве, на пример, ние долго време не ја признававме Јужна Осетија, но кога Грузија се обиде да ја припои таа територија, ние им помогнавме на Осетија и сега имаме одлични односи со неа.

МАКЕДОНИЈА 365:  Имавте поддршка и  надвор од вашите простори. Во Република Српска, на пример?

– Да, токму така. Таков беше и примерот со Република Српска. Кога раководството на овааа мала република во рамките на Босна и Херцеговина, значи, кога таа побара помош од нас, таа и ја доби и тоа огромна помош од владата на Руската Федерација. Секако, има и други разни случаи како што се овие спомнати, каде што сме помогнале, но за секој од нив и поддршката била и е различна.

МАКЕДОНИЈА 365: Господине Савин, според вас, Македонија ја очекува иднина од која треба да стравува или да се радува на она што ја чека?

– Македонија сега може да чека добра или лоша иднина, зависно од своите желба, но и зависно од своето решение по прашањата кои се приоритетни и суштествени. Во таа смисла се работи и за прашањето на вашето име Македонија. Ако по ова прашање или по било кое поприоритетно прашање за вас и вашата иднина, од вашата држава, од вашите државни раководители биде побарана помош од Русија, ние како братски народ, како Русија сме подготвени на било кој начин и на секој начин да ѝ помогнеме на Македонија. Повторувам, во било каква помош!

МАКЕДОНИЈА 365: И, уште едно прашање. Ако случајно дојде до промена на името на Македонија, односно, ако актуелната влада во Македонија во договор со грчката влада  потпишат ново име за Република Македонија, како тогаш после тоа вие ќе ѝ се обраќате на нашата земја?

– Ако тоа се случи, и ако тоа навистина биде искрено решение на македонскиот народ, нам не ни останува друго ништо, освен да го утврдиме тој факт и да ве нарекуваме со тоа ново име. Но, велам и повторувам, ако тоа е решение кое е и искрена и слободно искажана волја на македонскиот  народ! Русија нема да се меша и во тој нов момент, но мислам дека, сепак, ако тоа се случи, Русија на вас ќе гледа со сожалување. Зашто, од историски контекст, ние Русите знаеме што значи и која е Македонија и кој е македонскиот народ. За рускиот народ постои Македонија, постои македонската нација и постои македонската култура и писменост.

МАКЕДОНИЈА 365: За крај, дозволете да се осврнеме и на следните претседателски избори во Русија. Актуелниот ваш претседател Владимир Владимирович Путин неодамна изјави дека корените на сесловенската, значи и на руската писменост доаѓаат од Македонија, од просторите на нашата Македонија. Со оваа изјава дадена на средбата со македонскиот претседател Иванов, рускиот претседател Путин си обезбеди високо место во македонското паметење. Какво е по овој повод мислењето на Леонид Савин, на еден од неговите ценети советници: Ќе остане ли и после овие избори Владимир Владимирович Путин на чело на Русија?

Леонид Савин: Безусловно! Тој и натаму ќе  биде претседател на Русија. Во тоа веќе никој не се сомнева. Ќе се уверите и вие во тоа наскоро!

МАКЕДОНИЈА 365: Господине Леонид Савин, ви благодариме за овој разговор и ви посакуваме да ви се оствари зацртаното. Да бидете добри пријатели на Македонија и поддржувачи на македонскиот пат кон подобрата иднина.

– Ви благодарам и вам на вашиот медуиум за укажанато внимание и мислам ека ова е само почеток на оваа наша соработка и меѓу македонскиот и рускиот народ. Дотолку повеќе што таа соработка ќе ја градиме првенствено меѓу народите, а не меѓу државите и владите на двете држави.

Македонија 365                                                                                                                                  Д.Д.