Голема акција за чистење на Скопје

23 ноември, 2017 | 10:28 часот | 356 прикажувања |

Со цел да се намали загаденоста во главниот град, градските власти од општина Бутел ја почнаа големата акција за чистење на улиците, која ќе се спроведува во сите скопски општини во период од 20-тина дена.

„Град Скопје во соработка со Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика ангажира стотици невработени лица кои заедно со надлежните јавни претпријатија ќе ја спроведат оваа акција. Ова е една од краткорочните мерки против загадувањето на Скопје оваа зима“, најави завчера на прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

На ангажирните лица ќе им биде обезбеден хонорар, надомест за храна и платен автобуски превоз. Според Шилегов, загадувањето се должи и на наталожената прашина на скопските улици која, како што рече, со години стои неисчистена.

„Секоја општина со целата своја механизација, заедно со градските јавни претпријатија и ангажираните лица ќе чисти во точно определени денови. Почнуваме од Бутел, а потоа ќе продолжиме во другите општини. Предвидени се по ден-два за секоја општина во зависност од нејзината големина. Откако ќе завршиме со чистењето на општините, ќе се чисти кејот на реката Вардар“, рече Шилегов.

Тој ги повика сите граѓани, општествено-одговорни компании, институции и невладини организации да се приклучат во акцијата за чисто и незагадено Скопје.

Акцијата за чистење на Скопје ќе се реализира секоја есен и пролет и предвидено е да стане традиционална.