Житието на Адам Смит, проклетството на Балканот и опасните замки на утопизмот

4 март, 2018 | 21:44 часот | 627 прикажувања |

Пред скоро два и пол века, шкотскиот математичар Адам Смит докажа дека еден народ е богат онолку колку што му продава на остатокот од светот. Во неговото капитално дело „Богатството на народите“ тој оди до најситни детали кои се однесуваат на обичниот човек. Објаснувајки дека пиварот, месарот или пекарот ги служат своите купувачи поради сопствениот личен интерес, Смит поставува и (за тоа време) нова морална вредност, според која личниот интерес на поединецот, без да се повреди имотот или животот на друг човек, е морално исправна цел.

Но светот не живеел секогаш согласно Смитовите сфаќања. Тажно е да се забележи, но освен ерата на либералниот капитализам во периодот 1814-1914 година, остатокот од човековата историја е исполнет со војни, освојувања, масовни крвопролевања. Зголемувањето на богатството не било секогаш одработувано со продавање на производи низ остатокот на светот. Од речните цивилизации на Египет, Кина и Месопотамија, па се до средновековните империи, богатството се зголемувало најчесто на варварски начин. Јас ја освојувам туѓата земја и сите нејзини ресурси, додека поразените се судени на смрт, или се претворени во робови.

Идеите на Адам Смит се револуционерни, бидејки почиваат на создавање на ново богатство, нова вредност, на мирољубив начин, без војни и освојувања. Јас имам 40 денари во џебот, но ми се јаде бурек. Од друга страна е бурекџијата кој продава бурек за пари. За мене парите се безвредни доколку со нив не ги задоволам сопствените потреби, а во моментот тоа е четвртина бурек. Од друга страна, за бурекџијата повредни се 40-те денари, отколку четвртина бурек. Се наоѓаме и доброволно вршиме размена, јас добивам нешто што ми значи повеќе од моите 40 денари, тој добива повеќе од продадената четвртина бурек. И двете страни добиваат, ВИН-ВИН! Никој не е поразен во војна, никој не е повреден, никој не е поробен.

За да можеме во животот да си дозволиме повеќе добра, треба да произведеме/продадеме што е можно повеќе добра или услуги. Најголемата поплава од иновации и иноватори во историјата е периодот од падот на Наполеон 1814 година, па се до Првата светска војна 1914 година. Тогаш имало најмалку војни и освојувања. Но, ни тој период не бил идеален, односно тогаш се појавиле нови деструктивни идеи кои во основа го имаат средновековниот варваризам и логиката на освојувањето.

Карл Маркс на пример, кој во своите дела лаже за положбата на работниците, пишува дека тие требале да се дигнат на револуција, и … да украдат сѐ што поседуваат капиталистите, односно оние најуспешните и најпродуктивните. Како прво, положбата на работниците во тоа време можела да биде лоша споредено со денешниве услови. Споредено со животот во пред-капиталистичка Европа и Америка, фабриките и рудниците биле рај, додека најпродуктивните работници се случувало да станат инвеститори, нешто незамисливо во време на феудалната аристократија. Просечната куповна моќ во САД, по завршувањето на Граѓанската војна и и укинувањето на ропството 1865 година, па се до Првата светска Војна 1914 година, има пораснато за преку 300%.

Оние злобни црвени тролови дека западните земји биле богати поради колонијализмот и ропството се обичен крик на завист и незнаење. Саудијска Арабија, Нигерија и Индија имале робови се до 1960-тите години, па зошто и тие не станале богати како САД или Англија? Колонијална сила била и Португалија, која е денес синоним за сиромаштија во Европа.

Денешните богати земји, се трансформирале од аграрно-рурални во индустриско развиени, поминувајки низ период на многу ниски даноци, и отсуство на речиси секакви економски регулативи. Скандинавските земји, кои за југословените денес се сосема погрешна асоцијација за некаков „модерен социјализам“ станале индустриски развиени во доцниот 19-ти век, кога државите трошеле едвај 6% од вкупниот БДП (денес трошат и преку 50%).

Кога ќе го погледнете високиот животен стандард на Германија, тој НЕ почива врз обемните социјални програми кои денес ги користат балканските лузери и останата белосветска фукара која таму се довлечкала. Германија е богата бидејки не можете ниту да ги изброите брендовите со кои ги поплавува светските пазари. Германија има 4% од вкупната светска популација, а има преку 20% од вкупното индустриско производство во светот. Согласно идеите на Смит, Германија му продава МНОГУ на светот, и затоа е богата. Ако социјалните програми го зголемуваа животниот стандард, Источна Германија, СССР и нивниот блок денес ќе беа најбогати.

И сега, кој систем ѝ е потребен на Македонија доколку сака повисок животен стандард? Нема дилеми! Даноците мора да одат надолу, регулативите да ги нема, економските слободи мора да добијат на интензитет. Она што државата МОРА да го прави е да обезбеди функционирање на правото, како и заштита на јавниот ред и нашиот имот. На секој поединец, не само во Македонија, туку и на Балканов мора да му стане јасно дека ќе може да си дозволи повеќе производи или услуги, само доколку стане попродуктивен на пазарот, во доброволната размена на приватни добра и услуги.

Сонувајте што би сакале да поседувате драги мои балканци и како со своите способности тоа да го постигнете. Секој може да ја зголеми сопствената продуктивност со знаење и искуство, без разлика на возраста. Некој од вас ќе почне бизнис во подрум или гаража, некој можеби ќе работи за странски компании преку интернет. Нема да можат сите да заминат надвор од земјава и оние кои ќе останат ќе можат да преживеат единствно благодарение на сопствената продуктивност. Бидете алчни и грамзиви, бидете себични, и служете им на што повеќе луѓе по светот. НЕМАТЕ ДРУГА АЛТЕРНАТИВА!

Програмите на политичките партии се полни со утопизам и како такви се некомпатибилни со реалните проблеми на овдешниот обичен човек. Посебно младите треба да се држат понастрана од интелектуалците во „општествените науки“ кои на Балканов редовно продуцираат идеи за ГОЛЕМИ ДРЖАВИ. Таквите идеи не се ништо друго туку обична варварска пред-капиталистичка догма. Таквите интелектуалци се неупотребливи на пазарот, нивниот труд и идеи се безвредни вон политичките кампови, а тој комплекс на безвредност нема никогаш да исчезне кај ваквите квази-авторитети. Променете се себеси, ќе се промени сè во однос на Вас. Успејте на пазарот, сте успеале и во животот.

пишува: Виктор Трифуновски
Авторот е претприемач и економски аналитичар