Протест во Скопје во организација на движењето “Нашето име е наше право” (ФОТО)

4 март, 2018 | 14:47 часот | 737 прикажувања |

Денес на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во организација на движењето „Нашето име е наше право” се одржа протест против промена на уставното име на Република Македонија.

Говорниците пред присутните порачаа дека прашањата за името, за идентитетот, за Уставот, за јазикот, се прашања за кои мора да се има став оти тие создаваат немир.

„Бараме да ги прекинете преговорите со посредство на Метју Нимиц и да се обратите до Генералното собрание на ОН, како единствена меѓународна истанца во која Република Македонија е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име. Да се стави крај на употребата на референцата и да се донесе резолуција на Генералното собрание на ОН со која на Република Македонија би и се гарантирал непречен прием во меѓународни организации под уставното име“, рече актерката Камка Тоциновски, која е поддржувач на движењето.

Учесниците на протестот повикаа на сплотување на нацијата и на создавање вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократски вредности.

„Бараме организирање предвремени парламентарни избори на кои и на македонските граѓани од дијаспората ќе им биде овозможено да бидат претставени според принципот на пропорционалност“, рече актерот Страшо Милошевски, кој прочита писмо упатено до власта и до опозицијата кое, рече, го потпишале двесте истакнати личности.

Во организација на македонските заедници во светот денеска одржаа мирни протести за зачувување на името на државата и идентитетот во Холандија, Шведска, САД, Австралија, Нов Зеланд и во Велика Британија.