Костовски: Хан децидно кажа дека Законот за двојазичност не е приоритетен

22 ноември, 2017 | 17:22 часот | 203 прикажувања |

Законот за двојазичност не е дел од процесот на интеграција на државата и е целосно неуставен. Владата треба да сноси одговорност за ова манипулација со граѓаните, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Еврокомесарот Јоханес Хан, при неговата посета на државата јасно и децидно кажа дека законот за двојазичност не е еден од приоритети потребни за интеграцијата во ЕУ. СДС се обидуваа крајно манипулативно да ги излажат граѓаните под превезот на закон потребен за европската интеграција на државата да донесат неуставен закон“, рече Костовски.

Ова неодговорно однесување на владата, додаде тој, не смее да остане без одговорност.

„СДС си поигра со евроинтегративните процеси на нашата држава, за реализирање на обврските превземени од Тиранската платформа. Ова само покажува дека приоритет на оваа влада не се граѓаните и нивните интереси, туку спроведување на Тиранската платформа“, рече Костовски.

Тој додаде дека овој закон нема да ги доближи Македонците и Албанците, туку напротив уште повеќе ќе го зголемат јазот.