Јункер не барал од Србите да избираат меѓу ЕУ и Русија

3 март, 2018 | 17:24 часот | 737 прикажувања |

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека за време на посетата на Западен Балкан, не побарал од Србите да бираат меѓу ЕУ и Русија, бидејќи тие мораат да имаат нормални односи со Русија и да имаат најдобри односи со Европската унија.

„Србите имаат многу блиски врски со Москва, која е прилично активна во регионот“, рекол Јункер во интервју за „Еуроњуз“ дадено во Софија.

„Еуроњуз“ наведува дека за време на последната посета на Белград, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ја предупредил ЕУ дека со барањето од Србија да бира меѓу Русија и ЕУ, ја прави истата грешка како и во Украина.

„Не постои било каква споредба меѓу Србија и Украина, тоа е под број еден. Под број два, јас на колегите тука во регионот им објаснив дека европската изградба не е изгрдаба против други, туку тоа е интеграциски процес што се однесува на нас. Не барав од Србите да бираат, затоа што тие мораат да имаат нормални односи со Русија и да имаат најдобри односи со ЕУ“, изјавил Јункер.

Јункер ја навел 2025 година како рок до кој треба да се очекува влезот на Западен Балкан во ЕУ.