Мицкоски по средбата со Ахмети: Немавме преговори, само ги аргументиравме позициите

3 март, 2018 | 17:09 часот | 614 прикажувања |

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети денеска на средба во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, разговарале за актуелната политичка ситуација, пренесе МИА.

По разговорите двајцата во изјава за новинарите оценија дека средбата била конструктивна и оти договориле да продолжат со комуникацијата.

Мицкоски, посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е ориентирана кон ЕУ и НАТО интеграциите и ќе придонесе кон поквалитетни реформи. Во врска со Законот за употреба на јазиците, Мицкоски истакна дека ова не биле преговори, туку само ги аргументирале позициите. Го повтори и партискиот став дека засега нема услови за нивно враќање во Собранието.

„Поради математички и политички причини не можеме да учествуваме во работата на Собранието. Математичката е поради тоа што 12 отсто од пратениците ни се во притвор, така што ние не можеме со сиот свој капацитет да учествуваме во работата на Парламентот. Политичката е поради сериозното нарушување на демократскиот амбиент во Македонија“, рече Мицкоски.

Запрашан во врска со Законот за употреба на јазиците, Ахмети на новинарско прашање рече дека средбата не била за преговори туку за честитање. Тој изјави дека во интерес на двете партии е стабилноста на земјата и напредок во имплементирање на реформите.

„Разменивме мислења на многу конструктивен начин и за неопходните реформи кои мора да ги завршиме во земјава. Разговаравме и за политичките процеси во земјата. Интересот на двете партии е нашата држава да биде што е можно постабилна“, изјави Ахмети.

Ова е прва официјална средба на лидерите на двете партии откако Мицкоски стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

извор: МИА