Падна првата правосилна пресуда за „Таргет-Тврдина“

22 ноември, 2017 | 17:17 часот | 282 прикажувања |

Донесена e првата правосилна пресуда за случајот на СЈО „Таргет- Тврдина“. За ова Обвинителството водеше одвоена постапка. Еден од обвинетите го призна делото и доби условна казна затвор од шест месеци. Обвинителството не го открива неговиот идентитет. Тој е осуден за помагање на сторител во извршено кривично дело. Бил одговорен за бришење на логовите од системите за прислушување, што го потврдил и експертот од компанијата „Ериксон“.

СЈО го поддржува секој придонес за утврдување на фактичката состојба, и оттаму се надеваат дека ова признавање вина ќе придонесе целосно расветлување на обвинението кое се однесува на начинот на кој се спроведувало масовното прислушување во УБК, како и уништувањето на опремата за прислушување, стои во соопштението на Специјалното обвинителство.

Во предметот „Таргет- Тврдина“ се обвинети 12- мина меѓу кои: Горан Грујевски и Никола Бошкоски, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

По Грујевски и Бошкоски е распишана потерница. Тие откако беа уапсени, се во екстрадициски притвор во Солун.

извор: МРТ