Самоопределувањето наспроти преименувањето

3 март, 2018 | 9:06 часот | 1.817 прикажувања |
фото: Вангел Цветковски
фото: Вангел Цветковски

Во 2015 година Брус Џенер одлучи дека повеќе не може да постои со идентитетот кој му бил одреден со неговото раѓање. Тој помина низ јавна трансформација на неговиот изглед, неговото име и најважно од сè, неговиот идентитет. Имаше многу галама за неговата трансформација, па ако се суди според мнозинството на луѓе кои коментираа за таа работа и интересот кој го прикажаа, доколку Брус Џенер имаше компанија со неговото име „Jenner Inc“, таа на берзата би вредела милијарди долари. На крајот, работите се средија, Брус Џенер беше оставен на мира, а Кејтлин Џенер го направи нејзиниот славен влез во светот и сите ние продолживме понатаму.

Ако сакаме да се занимаваме со една неформална антрополошка анализа, случајот со госпоѓа Џенер го поставува прашањето: кој диктира како може да се нарекувате себеси; индивидуалецот или некој друг? Ова не е дел за флуидноста на полот, па останете со мене уште некоја минута. Некои луѓе би тврделе дека ако полот ни е одреден со раѓањето, имаме едно или друго нешто меѓу нозете или ако дискутираме на молекуларното ниво на X или Y хромозоми, полот е категорично одреден до крајот на животот.

Да, понекогаш некои луѓе биле родени со одреден начин на надворешен изглед, два различни хромозоми и одлучно „машко“ име како Брус, но тоа не мора да биде начинот на кој ќе се дефинирaат себеси. Тие треба да ни кажат нам кои се. За среќа, во ова напредно време во кое живееме, каде Долче и Габана отидоа толку „позади изгледот на телото и улогата на родот“ што ги заменија нивните модели на пистата со дронови, стануваме доволно отворени за да сфатиме дека не е баш кул да му се каже на некому кој е или кој не треба да биде, без оглед на тоа што го гледаме однадвор.

Во оваа славна 2018 година, три години oткако госпоѓа Џенер „експлодираше на сцената“, една мала земја која можеби ја знаете како поранешна југословенска Република Македонија (или FYROM, бидејќи целосното име е еден гаден израз) е во 25-годишна борба со нејзиниот јужен сосед Грција за името на цела држава. Ќе си речете дека држава од два милиона жители може да се нарекува како што ќе ѝ одговара, но момците од другата страна на границата тврдат дека зборот „Македонија“ им припаѓа ним и бараат ексклузивни права. Во почетокот на 90-тите кога комунистичка Југославија се распадна и Македонија проба да створи нешто свое, Грците решија да не се сложат со ништо од тоа, па ја затворија границата, отсекувајќи го Скопје од пристаништата во Егејското Море, додека не се промени името на државата.

Како кога ќе си заврзеш еден конец јако на прстот, државата почна да пулсира и да се менува во бордо боја скоро две години, се додека Грците го добија тоа што го сакаа, а потоа конецот се одврза. Како што Принц стана Уметникот порано познат како Принц, ние станавме Македонија, земјата порано позната како Југославија, можеби и така требаше да станеме. И низ целото тоа време, нашите хеленски соседи велеа „Македонците се Грци“.

Без да навлегуваме во дискусија околу темата за преселувањето на Словените во јужните делови на Балканот, дали Тито стратешки го сменил нашето име пред падот на комунистичкиот режим, дали Александар Велики бил наш Македонец или нивен, или било кои други историски аргументи, јас ќе ви ја кажам суштината како еден од Македонците миленумци: не се чувствувам како Грк, па така, јас не сум Грк. Нашиот свет денес е толку интерконтинентален, па дури и трансрасијализмот е всушност нешто – идеја според која некој може да биде роден како една раса, но да се идентификува како друга. Ако мислите: „Во ред, биди Македонец! Кому му е грижа што мисли Грција?“, погодете која држава нè блокираше за прием во Европската Унија и НАТО две децении поради ова прашање.

Ако милиони луѓе се идентификуваат на еден начин и тоа го прават, а останатите се помирени со тоа и навистина се, зошто сè уште зборуваме за ова? Нашиот јазик е различен, нашите луѓе се различни, така е и со нашата храна, нашата музика, нашата култура, нашите вредности и нашиот идентитет. Да ја оставиме историјата настрана, ова е право на самоопределување, право (слабо) заштитено со Повелбата на Обединетите нации. 140 земји се согласија да нѐ нарекуваат со нашето уставно име, Република Македонија, но има еден тврдоглав глас кој одбива тоа да го каже. Се појавуваме на Божикна вечера и сите топло нѐ прифаќаат за тоа што сме, додека Грција седи во ќошот и нè нарекува Кејтлин Брус.

Прашајте ги вашите пријатели чиишто имиња завршуваат на -опулос/-идис зошто не им дозволуваат на вашите -oв/-ски пријатели да бидат оние кои сакаат да бидат. Најверојатно ќе добиете одговор налик на „Тоа е наш термин, тие ни го украдоа“ или „Зошто не може да се викаат поинаку, може да си имаат нивен термин“ или „Тие се со испрани мозоци!“ (сериозно). Сето ова звучи страшно слично на аргументот „Не ми пречи граѓанска заедница од ист пол, но не нарекувајте ја брак“ кој го користат противниците на истополовите бракови (како сѐ уште да има нишка на светост која треба да се заштити во тој збор). Погледнете како тоа се покажа.

Фактот е дека една голема група на луѓе се нарекуваат Македонци од колено на колено стотици години. Речиси сите се задоволни да нѐ нарекуваат така, но една група на луѓе има проблем со тоа и буквално сака да ги смени учебниците по историја и да ни го избрише нашиот културен идентитет – или кажано поинаку, формално да ни забрани да одлучуваме кои сме како за тоа да имаат авторитет. Страшниот дел е дека тие победуваат.

Поголем дел од овие разговори се случуваат зад затворени врати. Од некоја причина, нашата Република има премиер кој ја оживува оваа идеја и бара решение за да ги смири нашите соседи. Неговата припадност кон луѓето кои ги претставува е толку назадна што тој престана да го споменува името на државата во јавност, па наместо тоа нѐ ословува со „нашата држава“ и „нашите граѓани“. Оставени сме да го гледаме исходот пред нашите очи, но не без борба. Излегуваме на улиците во сите делови од светот и гласно протестираме, бидејќи имаме идентитет кој треба да го заштитиме. Го правиме тоа преку ајварот, орото и ракијата, бидејќи така се прави тоа во Македонија. Барем додека не одлучат дека и овие работи се грчки.

А Кејтлин ја нарекуваме со нејзиното име, бидејќи таа ни рече така да ја нарекуваме.

 

 

 

Пишува: Џејмс Цветковски
Авторот е дипломиран биолошко медицински истражувач