Груевски на распит во СЈО како сведок

22 ноември, 2017 | 17:15 часот | 212 прикажувања |

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на распит во Специјалното јавно обвинителство. Обвинителката Катица Јанева изјави дека бил повикан во својство на сведок за предистражна постапка за финансиски криминал, земење провизија за електрична енергија. Вели дека ова е нова постапка.

„За истата предистражна постака се повикуваат и други лица. Исто така е направено вештачење на разговорите врз основа на кои е воспоставена надлежност за овој предмет. Имаме два разговори кои не се јавно објавени, а се телефонски разговори кои се водат во континуитет од две лица“, изјави специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Груевски потврди дека бил викнат во својство на сведок. Вели, им укажал дека ова што го работат е незаконски. Според него, ова било политички, за да се отргне вниманието од основните проблеми со кои се соочуваат државата и граѓаните.

„Им укажав дека ова што го работат е незаконски, дека нивниот мандат е одамна истечен и дека овие предистражни постапки што ги тераат практично се малтретирање на граѓаните, во услови кога тие не може да поднесуваат никакви обвиненија, или практично работат незаконски. Но, за да не излезе дека одбегнувам да дојдам, дојдов и им го кажав своето мислење, одговорив на некои прашања. Сѐ ова е политички со цел да се оттргне вниманието од основните проблеми со кои се соочува државата и граѓаните “, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Според Јанева, оваа нова предистражната постапка, во која Груевски е повикан како сведок, имала сличности со финансиските истраги што веќе се водат од ова обвинитество.

извор: МРТ