Заев со менаџментот на „Мермерниот комбинат“: Успешните приказни се пораки за потенцијалните инвеститори

2 март, 2018 | 16:03 часот | 572 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, прими делегација на сопствениците и на менаџментот на компанијата „Мермерен комбинат“ од Прилеп.

На средбата во Кабинетот на премиерот, на која присуствуваа и заменик-претседателот за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во името на сопствениците на компанијата, Христофорос Павлидис информира за тековните бизнис-активности на компанијата „Мермерен комбинат“ и ги најави новите инвестициски планови за дополнителен развој на компанијата, како и за нивните намери да вложат и во другите области, особено во енергетиката во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори.

Премиерот ги поздрави намерите на компанијата да вложува во осовременување на технологијата за производство и во производството на готови производи и нагласи дека, како и секоја друга компанија, и „Мермерниот комбинат“ може да очекува поддршка од владините програми за развој на бизнисот, особено кога станува збор за инвестициски вложувања што отвораат нови и добро платени работни места.

Претседателот на Владата истакна дека секоја средба со претставниците на компаниите со странски капитал е добредојдена за усовршување на моделите за соработка со владините институции и за надминување на прашањата што произлегуваат од работењето.

„Секое искуство и препораки што доаѓаат од бизнисот и од компаниите со странски капитал и нивните успешни приказни во исто време се и пораки за потенцијалните и идните инвеститори и за нас се многу важни“, нагласи премиерот Заев на средбата со сопствениците и со менаџментот на компанијата „Мермерен комбинат“ од Прилеп.