Во Врховниот суд во Атина рочиште за жалбата на Грујевски и Бошковски

2 март, 2018 | 9:13 часот | 506 прикажувања |

Поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, денеска дојдоа на рочиште во Врховниот суд во Атина, каде ќе се одлучува по нивната жалба за одлуката за екстрадиција на судот во Солун.  -Јавува дописникот на МИА

Минатото рочиште што беше одржано на 16 февруари, беше одложено поради краткиот период што го имале адвокатите за разгледување на предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик.

Шестемина судии и обвинителот, надлежни за разгледување на жалбата во грчкиот Врховен суд, го слушнаа образложението на адвокатите и одлучија рочиштето да се одложи за 2 седмици, на 2 март.

Судијката заклучи дека немале можност да се подготват, а двајцата адвокати рекоа дека сакаат рочиштето да се одржи на најдобар можен начин и се обврзаа дека за следниот пат ќе обезбедат преведувач.

Во судницата беше присутна преведувачка, службено назначена, но од бугарски на грчки јазик и обратно. Цело време додека траеше дијалогот меѓу судијката и адвокатите таа им преведуваше, но од адвокатите беше посочено дека потребно е да се обезбеди преведувач на македонски јазик.

И Грујевски и Бошковски на прашањето на судијката дали се согласуваат со одложувањето одговорија потврдно.

По кусото рочиште и одложувањето, Грујевски и Бошковски од Судот беа префрлени во атинскиот затвор „Коридалос“, каде што се наоѓаа од по нивното префрлање од Солун во Атина.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалбата против одлуката на судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.

Извор: MИА