Почна изборниот молк пред локалните избори во Србија

2 март, 2018 | 8:07 часот | 474 прикажувања |

Во Србија ноќеска на полноќ почна изборниот молк пред изборите за органите на локаланата власт во Белград, Аранѓеловац, Бор и Севојно.

Откако повеќе години ја имаат апсолутната власт во Србија на сите нивоа, коалициите на партии предводени од  Српската напредна партија (СНС) на шегот на државата Александар Вучиќ (СНС) и од Социјалистичката партија на Србија (СПС) на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, в недела ги чека неизвесен исход на изборите за органите на локалнта власт на Белград.

И самиот Вучиќ, кој е и претседател на Србија и лидер на СНС, изјави дека очекува неизвесен натпревар меѓу изборната листа на наговата партија, која настапува под името „Александар Вучиќ – Затоа што го сакаме Белград“, и сите останати.

Опозицијата има голема надеж дека во Белград в недела ќе успее првпат да ја победи СНС на Вучиќ. Нивната надеж се темели, како што пишува „Данас“ на што поголема излезеност или доколку излезат 60 отсто од запишаните гласачи, како што смета Драган Ѓилас, кандидатот за градоначалник на Белград на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Народодната партија (НС) и Левицата на Србија (ЛС).

Кандидатот за градоначалник на Белград на листата „Да го ослободиме Белград“, составена од Демократската партија (ДС),  Социјалдемократската партија (СДС) и Новата ѕартија (НОВА), Драган Шутановац изјави дека анкетите укажуваат оти 60 отсто граѓани се против актуелната власт, а единствената дилема е дали ќе бидат мотивирани да излезат на гласање.

Според проекциите од анкетите на „Фактор Плус“ излезеноста в недела би се движела меѓу 53 отсто, додека според ЦЕСИД таа би изнесувала 55 проценти, со задршка дека последните денови засилената кампањата може да има влијае на поголем одѕив.

 

Самата изборна кампања, која е окарактеризирана како валкана, со доста обвинувања и медиумски блокади кон опозицијата, има акцент на политичка борба меѓу власта на Вучиќ и опозицијата, додека вистинските комунални проблеми се во втор план – како предлогот за изградба на метро, нови мостови, проектот „Белград на вода“, бесплатен интернет и други комунални идеи.

На изборите в недела Градската изборна комисија (ГИК) соопшти дека право на глас имаат 1.606.693 белграѓани, кои ќе гласаата за 24 изборни листи.

Така, владејачката СНС ќе настапи во коалиција со Социјалдемократската партија на Србија (СДП) на Расим Љајиќ и со Партијата на здружените пензионери на Србија (ПУПС) на Милан Кркобабиќ со изборната листа „Александар Вучиќ – Затоа што го сакаме Белград“, предводена од хирургот Зоран Радојичиќ.

Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Дачиќ на изборите оди со своја самостојна изборна листа во коалиција со Единствена Србија (ЈС) на Драган Марковиќ Палма и со министерот за енергетика и рударство Александар Антиќ како кандидат за градоначалник на Белград. На оваа изборна листа, како број 4 е единствениот кандидат со македонско потекло, угледниот адвокат Тома Фила. Како што изјави Дачиќ, со Вучиќ е договорено по изборите во Градското собрание да влезат во коалиција со владејачка СНС.

И опозицијата оди со повеќе листи. Претседателот на ДС Драган Шутановац ќе биде кандидат на наговата партија за градоначалник на Белград, поддржан од СДС на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, Нова на поранешниот премиер Зоран Живковиќ и Зелените.

Драган Ѓилас ќе биде кандидат на листата на ПСГ на Саша Јанковиќ, НС на Вук Јеремиќ, како и на Левицата на Србија на Борко Стефановиќ.

На изборите за главниот град на Србија, граѓаните не избираат градоначалник, туку само гласаат за листите на партиите или за коалициите, а градоначалникот го избира во Собранието на Градот Белград. Меѓутоа, непишано правило е повеќето коалиции и партии пред изборите да ги најавуваат своите кандидати за градоначалник, доколку освојат доволен број на одборници за негов избор.