Ратко Младиќ осуден на доживотна казна за геноцидот во Сребреница

22 ноември, 2017 | 12:19 часот | 256 прикажувања |

Хашкиот трибунал го осуди Ратко Младиќ, поранешниот генерал и воен командант на Војската Република Српска, на доживотен затвор поради геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување во Босна и Херцеговина, пренесува ТВ Н1.

Судскиот совет утврдил дека Младиќ е виновен по десет точки од обвинението: за учество во геноцидот во Сребреница, прогон, истребување, убиство, депортација на населението, присилно преместување на населението, тероризирање на населението, противправни напади на цивилите и земање заложници.

Младиќ е ослободен по една точка од обвинението, а тоа е за геноцид во шест општини во БиХ.

За олеснителна околност, судот го зел добронамерното постапување со жртвите, карактерот на Младиќ, намалените ментални способности и поодминатиот животен век.