Ерменија го поништи мировниот договор со Турција

1 март, 2018 | 19:47 часот | 646 прикажувања |

Претседателот на Ерменија, Серж Саркисјан, го поништи мировниот договор за нормализирање на билатералните односи со Турција.

Портпаролот на претседателот изјави дека одлуката за поништувањето на ерменско-турскиот протокол била објавена на седницата на Националниот совет за безбедност.

Ерменија и Турција во Цирих во 2009 година потпишаа мировен договор со цел отворање на заедничките граници за нормализирање на дипломатските врски. За исполнување на обврските од договорот, неопходна беше негова ратификација во парламентите на двете земји.

Претходно, Турција ја затвори границата со Ерменија во 1993 година во знак на протест поради војната во Нагорно-Карабах. Областа Нагорно-Карабах, во која доминира ерменско население, се наоѓа во состав на Азербејџан, но е под контрола на ерменските сепаратисти.

Ерменија и Турција имаат спор и за масовното убиство на 1,5 милион Ерменци од страна на отоманските сили. Ерменија и неколку други земји ги квалификуваа настаните од овој период како геноцид. Анкара се противи на ваквата квалификација тврдејќи дека бројот на загинати Ерменци е многу помал.