Заев на средба со Гаши, разговарале за можен влез на БЕСА во Владата

1 март, 2018 | 19:39 часот | 638 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев одржал работен состанок со претседателот на движењето Беса, Африм Гаши, информираа од владината прес служба.

На средбата било разговарано за актуелните реформски процеси со посебен осврт на евроатлантските интеграции, како и за економските текови во Република Македонија.

„Премиерот Заев го информираше претседателот на движењето Беса Гаши за текот на преговорите во врска со проблемот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, потенцирајќи дека процесот се наоѓа во суштинска фаза и дека постојат разлики меѓу преговарачките страни, но дека постои оптимизам за изнаоѓање решение кое ќе ги заштити достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави. Во рамки на состанокот беше договорено дека разговорите меѓу премиерот Заев и лидерот на Беса Гаши ќе продолжат во текот на месец март заради обезбедување идна можна соработка на парламентарно ниво и на ниво на извршна власт“, соопштија од Владата.

Гаши беше избран за лидер на БЕСА на Конгресот кој на 18 февруари се одржа во Тетово, од страна на скопското крило на партијата. Судот сѐ уште не донел конечна одлука кој од двајцата лидери Гаши и Бесами (кој прет пет дена беше избран за лидер од страна на тетовското крило на партија) е официјален претседател на БЕСА, по расцепот кој настана во оваа партија.