Средба Заев-Марковиќ: Авио линијата Скопје – Подгорица – Сараево е од голема важност

1 март, 2018 | 12:10 часот | 509 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Софија се сретна со премиерот на Република Црна Гора, Душко Марковиќ.

Двајцата премиери на средбата заеднички заклучија дека регионалната соработка се одвива ефективно, во интерес на потребите на граѓаните и на евро-атлантските интереси на регионот. За време на разговорот е констатирано е дека соработката меѓу бизнис коморите на двете земји е добра и се очекува унапредување на бизнис соработката меѓу двете држави, соопштија од владината прес служба.

Во таа насока беше истакнато дека од голема важност e обезбедувањето авио линија Скопје – Подгорица – Сараево, за која беа споделени најновите информации за реализација на оваа иницијатива.

На средбата во Софија се разговараше и за реализација на проекти од областа на здравството, во интерес на граѓаните на двете земји. Двајцата премиери, Заев и Марковиќ разменија мислења за важни политички прашања во делот на напредокот кон ЕУ, како и НАТО интеграциите на Република Македонија.

„Зголемен е интересот за инвестирање во Македонија по покренатите реформски процеси во државата и отворените перспективи на Македонија за НАТО и ЕУ“, рече премиерот Заев.

Исто така, премиерите Заев и Марковиќ се согласија за имплементирање на европските препораки за политичкиот и економскиот развој на регионот.

Премиерот Зоран Заев е во еднодневен престој Софија за работниот ручек што премиерот на Република Бугарија, земјата претседавач со ЕУ, Бојко Борисов го приредува за Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и за лидерите од Западен Балкан.

На состанокот во Софија ќе присуствуваат и еврокомесарот Јоханес Хан и претставничката за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.