Тренерот на Севилја Едуардо Берицо добил рак на простатата

22 ноември, 2017 | 11:29 часот | 280 прикажувања |

Шокантни вести доаѓаат од Севилја откако на тренерот на клубот, Едуардо Берицо му бил констатиран рак на простатата.

Доцна синоќа медиумите во Шпанија пренесоа дека Аргентинецот им соопштил на своите фудбалери дека боледува од оваа тешка болест на полувремето од натпреварот против Ливерпул кога Севилја губеше со 3:0. Наводно, тоа бил голем мотив за фудбалерите да се издигнат и да изиграат машки во вториот дел со што стигнаа до големо реми (3:3).

Од фудбалскиот клуб Севилја излегоа и со официјално соопштение за оваа ситуација.

„Тренерот ќе донесе одлука за третманите откако му е дијагностициран рак на простатата. Медицинскиот тим на Севилја потврди дека на тренерот на првиот тим, Едуардо Берицо му е дијагностициран рак. Дополнителните медицински прегледи ќе ја одредат насоката за неговите третмани. Севилја сака да изрази поддршка за менаџерот и во овие моменти му посакува брзо закрепнување“, стоеше во соопштението на Севилја.

Берицо од оваа сезона е на клупата на Севилја, а до минатата со успех три сезони го водеше тимот на Селта Виго.