Јункер во Подгорица: Црна Гора е пример за земјите од Западен Балкан

28 февруари, 2018 | 12:03 часот | 578 прикажувања |

Црна Гора има силна волја да влезе во Европската Унија и судбината ѝ е во заедницата, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во обраќање пред црногорскиот парламент.

„За помалку од 12 години успеавте да поминете прекрасен пат“, Јункер ги пофали Црногорците. Тој потсети дека малата балканска држава е член на ОН, ММФ, СТО, а од минатата година и на НАТО. Луксембуршкиот политичар позитивно ги оцени постигнувањата на Црна Гора во процесот на европската интеграција, но предупреди дека брзината и квалитетот на реформите не треба да се мешаат.

„Со каква брзина ќе бидат исполнети задачите на стратегијата зависи од државата. Датумот за влез во ЕУ зависи само од вас. 2025 година што ја споменуваме е само перспектива кон која треба да се оди со брзи чекори“, истакна Јункер на прес-конференцијата во Подгорица додавајќи дека Црна Гора може да послужи како пример за другите земји од Западен Балкан.