Заев за „Фајненшл тајмс“: Македонија е блиску до решение за името со Грција

28 февруари, 2018 | 11:55 часот | 658 прикажувања |

Македонија и Грција се приближуваат кон решение на спорот за името, изјави македонскиот претседател на Владата, Зоран Заев, во интервју за „Фајненшл тамјс“.

Заев изрази надеж дека заедно со претседателот на Владата на Грција, Алексис Ципрас, ќе пронајдат компромисно решение пред НАТО самитот во Брисел, што ќе се одржи на 11 и 12 јули.

„Оптимист сум. Свесни сме дека е тешко, но за двете страни ќе биде паметно да се пронајде решение, што е можно побргу“, рече Заев.

Претседателот на Владата истовремено изрази загриженост дека грчкото барање за промена на Уставот е неразумно и ризично за договорот што сакаат да го постигнат двете страни.

„Најновото барање од Грција се однесува на промена на нашиот Устав, но Уставот е книга со домашни правила и нема никакви импликации надвор од земјата. Сепак, промената на Уставот не би значела конечна гаранција бидејќи некоја Влада во иднина ќе може повторно да го промени Уставот“, рече Заев.

Во врска со имињата што се споменуваат во јавноста како предлози на медијаторот Метју Нимиц, Заев вели дека Нова Македонија е неприфатливо бидејќи нема географска одредница, но е отворен за преговори за другите имиња.

Во врска со поддршката на опозицијата за евентуален договор со Грција, со оглед на тоа што договорот треба да е ратификуван во парламентите на двете земји, Заев рече дека тоа можеби нема да оди лесно со оглед на тоа што и во двете земји постојат национализам, критицизам и групи што се против договорот.

извор: Фајненшл тајмс