Гала вечер во Сиднеј, доделени театарските награди „Александар Македонски“

28 февруари, 2018 | 10:32 часот | 796 прикажувања |

Минатата сабота, (24 февруари) во просториите на Civic Theatre во Хрствил (предградие на Сиднеј) се одржа третата традиционална Гала вечер посветена на театарската уметност при што се доделија престижните награди „Александар Македонски“. Театарот беше премал да ги прими сите заинтересирани и повеќе лица целата програма ја следеа без седишта. Гала вечерта официјално ја отвори амбасадорот на Република Македонија во Австралија, неговата екселенција Веле Трпевски. За најдобра актерка беше прогласена Валентина Апостоловска, а за најдобар актер Зоран Гулабоски.

Во еден убав, на високо ниво амбиент и богата програма Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј по трет пат ја организира својата традиционална Гала вечер при што за присутните изнесе богата програма со драмски-сценски и музички изведби преку кои ги промовира културните достигнувања на Македонците во Австралија и го возвиши името на Александар Македонски со доделувањето на награди за глума и сценска уметност.

Вечерта започна со прикажување на монодрамата „Каменот од Роби“ од Душан Ристевски, а истата посветена на протераните деца од егејскиот дел на Македонија. Главната улога ја толкуваше Валентина Апостоловска, во придружба на Антонио Нешковски, а во режија на Стефо Нанцу, а сценски техничар за ефектите беше Никола Апостоловски. Оваа година се навршуваат 70 години од егзодусот на децата и Театарот успешно на сцена постави дело да не потсети дека геноцидот врз Македонците и понатаму продолжува не само во егејскиот, туку и во сите други поробени делови на Македонија.

Наградените на гала вечерта во Сиднеј

Се дадоа и три кратки комични сценски изведби: „Шекира-слепата гледачка“ толкувана од Гордана Милошевска, Васко Србиновски и Душан Ристевски, „Ѓурѓа има запек“ толкувана од Јаворка Котевска и Владо Сазданов, и „Шекира против Европа“ толкувана од Гордана Милошевска и Татјана Нешковска. Овие изведби ја насмеаа публиката до солзи.

Промоција на најновите ДВД од драмите „Изненадувачка забава“ и „Сонце мое“ направи Омер Зекировски, познат македонски режисер и продуцент кој со пофални зборови ги отцени драмските продукции.

Театарот додели награди за уметност и култура под името „Алек сандар Македонски“, за врвно културно остварување и промовирање на македонската култура и нација во Австралија. За промовирање на македонскиот јазик и култура доби Иван Трпоски, познат писател и новинар кој скоро 40 години активно работи во Литературното друштво „Григор Прличев“. Исто така награда „Александар Македонски“ доби и МПЦО „Св. Димитрија Солунски“ од Волонгонг, една од најактивните општини во Австралија која за последните 45 години активно ги негува и промовира македонскиот јазик, религија, спорт, фолклор и култура во Австралија. Ова награда ја прими претседателот на Општината, Љупчо Стефановски.