86 милиони евра Европската банка за обнова и развој и ги додели на Македонија

28 февруари, 2018 | 8:43 часот | 525 прикажувања |

Делегација предводена од претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, во која е и министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска остварија средба со претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти во Лондон.

На средбата беше потпишан договор за користење на 86 милиони евра – втора транша од заем од вкупно 181 милиони евра од ЕБОР за подобрување на македонската инфраструктура. Со втората транша е предвидено да се реконструираат 26 делници од регионални и локални патишта.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на средбата, унапредувањето на инфраструктурата е еден од приоритетите на Владата и дека соработката со ЕБОР ќе придонесе за подобрување на транспортните врски во земјата, но и за регионално поврзување.

Претседателот на ЕБОР Чакрабарти посочи дека банката е задоволна што може да придонесе за развој на инфраструктурата во Македонија, но и за регионалната интеграција преку вложувања во патишта. Тој посочи дека инфраструктурата ќе придонесе кон економскиот развој на регионот преку олеснување на трговската размена и подобрување на условите за водење бизнис.