Европратеничката Маријана Петир: Останувам со македонскиот народ, чувајте го највредното што го имате

27 февруари, 2018 | 20:40 часот | 19.166 прикажувања |

Ќе бидам и понатаму со вас во вашата борба. Вашиот идентитет е дел од вас. Македонската култура и традиција се непроценлив дел од европското наследство. Сакам да ве охрабрам да го чувате највредното што го имате. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме во целта и ќе ја видиме Македонија како полноправна и горда членка на Европската Унија.

Ова го порачува европратеничката Маријана Петир, претседател на групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент и повеќегодишен лобист за интересите на Македонија.

Петир вели дека ја дели загриженоста со македонскиот народ поради најавите за промена на името на државата и губење на идентитетот на кој македонскиот народ е особено горд.

„Верувам дека мојата загриженост допрела и до оние кои придонеле за истата, па овие денови сум известена дека македонската влада воспоставува нова група за пријателство во Европскиот парламент, со нов претседател на чело. Иако оваа одлука во целост е политичка, се надевам дека оваа група во својата работа ќе се води од добробитот на македонскиот народ, а македонскиот народ во мене и понатаму ќе има верна и посветена пријателка која и понатаму ќе води грижа за нивниот добробит“, посочува европратеничката.

Како што вели, Македонија отсекогаш ѝ била посебна во срцето и таа од самиот почеток со работа во Европскиот парламент, секогаш се залагала на Македонија да ѝ се отворат преговорите за членство во Европската Унија и со тоа да ѝ се овозможи пристапување во сојузот на НАТО, бидејќи нашата држава припаѓа на европското семејство.

„Поради тоа сум со поддршка на Постојаната мисија на Македонија во Брисел и во јануари 2016 година покренав групата „Пријатели на Македонија“. Со тоа сакавме да му покажаме на македонскиот народ дека не се сами и дека имаат пријатели овде во средиштето на Европскиот парламент и европските институции“, вели Петир.

Европратеничката објаснува дека на Македонија со години ѝ биле нанесувани бројни неправди, една по друга, оставајќи ја пред затворените врати на евроатлантските интеграции.

„Успеав тоа да се промени иницирајќи на земјата која е спремна да влезе во Европската Унија да ѝ се отворат преговорите, а отвореното прашање со Грција да се решава во текот на преговорите. И тогаш и сега сметам дека ЕУ не се однесува објективно кон Македонија, со што ја губи својата веродостојност, бидејќи допушта билетаралните проблеми да стојат како пречка на европскиот пат на Македонија“, вели Петир во своето видео обраќање.