Протест за одбрана на името во Скопје: Прекинете ги преговорите со Грција

27 февруари, 2018 | 19:27 часот | 1.920 прикажувања |

Oд пред седиштето на ЕУ во Скопје вечерва започна протестот за одбрана на името Македонија. Голем дел од учесниците на протестот се појавија со знамиња и со транспаренти против евентуален компромис со Грција, односно промена на името Македонија за меѓународна или севкупна употреба.

Присутните порачуваат дека името не е на продажба, дека народот за тоа не е прашан, но и дека оној кој ќе го смени името брзо ќе си оди од власт.

Една од главните цели на вечерашниот протест е барање за крај на преговорите за името, а покрај тоа учесниците бараат и повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на Договорот за добрососедство со Бугарија, како и ослободување на притворените за настаните од 27 април во Собранието.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштение до медиумите порача дека секој има право да протестира, но дека тие не стојат зад организацијата на овој протест.

Семакедонскиот протест е поддржан од страна на Светскиот Македонски Конгрес, Движењето „СУМ“ Сите за унитарна Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија, Македонски манифест, здруженијата на бранителите и македонските патриотски здруженија.

фото и видео: Танче Ламбевски