Влада на РМ: Заев нема дадено изјава за „мали промени во Уставот“

27 февруари, 2018 | 19:13 часот | 567 прикажувања |

Во врска со делови од интервјуто на премиерот Заев за агенцијата Ројтерс преземени од страна на некои од македонските медиуми, и во кои се пренесува дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во уставот“, Кабинетот на Претседателот на Владата на Република категорично тврди дека премиерот Заев нема искажано таков став во интервјуто за Ројтерс.

„Наместо тоа, премиерот Заев на прашање на новинарот на Ројтерс одговара дека Република Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалеку, бидејќи тоа е многу тешко прашање. Во продолжение на разговорот на оваа тема премиерот Заев додава дека „останува отворено прашање дали постои ‘вистинска потреба’ за промена на Уставот на Република Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци“, велат од Кабинетот на Заев.

Оттаму укажуваат и на погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со премиерот Заев во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името“.

„Јавноста во Македонија, и во светот, знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на Обединетите Нации, посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција. Тоа значи дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија“, велат од Владата.

„Во име на коректното известување и заради корекција на пренесените делови од интервјуто на премиерот Заев за агенцијата Ројтерс, ве молиме да ги земете во предвид овие укажувања во врска со ова чувствително прашање“, додаваат од македонската влада во дописот до медиумите.