Зошто прашањето за името на државата мора да оди на референдум?

27 февруари, 2018 | 19:01 часот | 1.615 прикажувања |

Прашањето за името на нашата држава коешто го имаме со Република Грција, не мачи од распаѓањето на СФРЈ до ден денеска. Навидум, се чини дека решението за овој проблем којшто Република Грција го има со нас, денеска е поблиску од било кога, па дури поблиску и од 2005-та година, со тогашната влада предводена од СДСМ на чело со Владо Бучковски, кога тој лично, но и владата во целина имале огромни симпатии од западните европски држави, но пред сѐ најголемата поддршка ја имале од Соединетите Американски Држави, на чело со претседателот Џорџ Буш.

Денеска, после 13 години, повторно влегуваме во процес на решавање за спорот на името, со силно темпо и со засилена желба и интерес за побрз влез на Македонија во Европската Унија и НАТО алијансата. Евентуалното решение за името кое би произлегло од преговорите апсолутно треба да биде потврдено или отфрлено на референдум од страна на граѓаните. Бидејќи имаме аспирации да бидеме членка на заедници каде што во основата на нивното постоење лежи демократија, не смееме по пат на олигархски модел со одлука на Собранието (елитата) да се верификува предложеното решение.

Небулозно е да се аспирира кон влез во демократските заедници, а притоа едно од клучните прашња кои што задираат во сржта на граѓаните, а притоа е и клучно за влез во овие демократски заедници да се третира на олигархиски начин. Олигархијата и демократијата се две идеологии кои се исклучуваат меѓусебно, бидејќи онаму каде што постои олигархија нема демкоратија и обратно.

Еднаш дадена власт од страна на граѓаните не ѝ дава за право на Владата сама да одлучува за вакви крупни прашања. Дадената доверба не значи дека еднаш дадената власт е недопирлива во текот на нејзиниот мандат, бидејќи легалноста и легитимитетот се две различни лица. 120 народни пратеници колку што брои нашиот парламент можат да донесат одлука за верификување на предлогот на промена на името, од правно – легално аспект тоа е сосема во ред, но од политичко – легитимен аспект тоа е катастрофално.

Воопшто не е точно дека сè што е легално е и праведно, само да потсетам на предлог Законот за високо образование кој легално, во собраниска процедура можеше да биде донесен, но сепак наиде на масовни протести кои сериозно ѝ наштетија на тогашната влада. Одлуката која што ќе ја донесат граѓаните ,дури и да биде крајно нерационална и комплетно погрешна, апсолутно мора да се почитува.

Демократијата и рационалноста не одат рака под рака. Одлуката на граѓаните за избор на Доналд Трамп за претседател на САД нималку не се смета за рационална, ниту пак референдумот за истапување на Велика Британија од Европската Унија, односно Брегзит. Конгресот во САД можеше и да не го избере Доналд Трамп за претседател, но сепак одлуката на граѓаните се почитува, дури и кога е и погрешна.

Премногу е опасно вакво крупно прашање да се остави да го решат политичките елити. Власта има право да преговара и да донесе предлог решение, но носењето на одлуки кои што се од непроценливо значење, како што беше прашањето за осамостујвањето на Република Македонија мораат да одат на проверка кај граѓаните. Одлуката на елитата која што е донесена самостојно, кога се работи за крупно прашање и за прашање кое што не е предвидено во политичката агенда за која што ѝ било изгласано доверба од страна на граѓаните на избори, колку и да биде праведна, точна, проникнувачка ќе биде апсолутно негативно прифатена кај народот и ќе има негативни ефекти, бидејќи едноставно народот мисли дека не е тоа така или не се произлегол по тоа прашање, односно не е консултиран.

Потоа секоја наредна власт ќе носи одлуки самостојно повикувајќи се на практиката од претходната власт. Одлуката на народот и да биде девастирачка и да биде комплетно погрешна мора да се прифати. Како што мора да се почитува одлуката на поединециот за: aбортус, eвтаназија(самоубиство), геј бракови, консумирање алкохол, цигари и дрога, така мора да се почитува и одлуката донесна на референдум.

На крајот на денот, демократијата е онаа идеологија која ги давала и ги дава најдобрите резултати од античкиот период па сè до ден денеска. Но секогаш ќе се поставува прашањето дали еден народ останува слободен ако на еден демократски и слободен начин избере деспот да раководи со неговата заедница? Во наши сегашни услови, ова јас би дал ваков превод: „Дали во светото име на нашата држава ќе продолжиме да си ги испраќаме најмилите надвор од државата“?

 

 

 

 

Пишува: Игор Киприновски,
Авторот е студент на политички студии