Ѕанакопулос: Нашите предуслови за решение се јасни, доколку соседите немаат волја нема да дојде до тоа

27 февруари, 2018 | 14:16 часот | 532 прикажувања |

Портпаролот на грчката Влада, говорејќи за грчката телевизија „Алфа“, порача дека грчките позиции и предуслови се јасни, а соседната земја е таа што треба да покаже волја и расположение за договор, а во спротивно нема да има решение.

„Ние имаме кажано кои се предусловите за да се постигне решение. Оттука, доколку нашите соседи имаат расположение и волја да одиме напред, да се насочиме кон едно заемно прифатливо решение, ние сме отворени и го имаме покажано тоа, ако не, нема да има решение“, рече Димитрис Ѕанакопулос, одговарајќи на прашање за ставовите на македонскиот премиер во вчерашните интервјуа за „Шпигел“ и „Еуроњуз“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, токму за ставовите на Заев, пишува и весникот „Катимерини“. Освен што ги пренесува изјавите на премиерот во однос на Уставот, идентитетот и ерга омнес, новинарот вели дека овие позиции предизвикале незадоволство кај Атина.

„Низата изјави од власта во соседната земја и пречеа на Атина, каде што, продолжува регуларно, планирањето за заминувањето на МНР Никос Коѕијас во Скопје, во следните денови.“ – пишува „Катимерини“.